Натпревар што буди посебни емоции
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2020, ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА
Финале на плејофот во Лигата на нациите (ЛН), Грузија – Македонија денеска во Тбилиси од 18 часот, за пласман во завршницата на одложеното Европско првенство (ЕП) 2020 година. Најважен натпревар во историјата на македонскиот фудбал, за каков што мечтаеја и го посакуваа стотици фудбалери, репрезентативци, десетици селектори и сите љубители на фудбалот и на спортот во Македонија. Она што почна со првиот меч во 1993 година против Словенија во Крањ, потоа и со квалификациите за ЕП 1996, има шанса да го заокружи и да го круниса оваа генерацијата, а тоа е пласман на ЕП 2020, прв за Македонија на едно големо натпреварување, европско или светско првенство. Последната пречка на патот за селекцијата на Македонија кон историскиот успех е репрезентацијата на Грузија. Двете фудбалски земји преку новиот формат натпревари во ЛН и првите места во групите во лигата Д, добија шанса да си обезбедат дебитантски настап на ЕП.
– Кога почнав да играм фудбал, првата цел ми беше да заиграм за репрезентацијата на Македонија. Тој сон ми се оствари, еве, речиси 20 години сум во репрезентацијата. Сега сме пред најважниот меч, се надевам дека сите конечно ќе се израдуваме. Одиграв безброј натпревари, финалиња, но играњето во националниот дрес е нешто посебно за мене. Постои трема, но тоа е нормално, знаеме за што играме, што нѐ очекува, но спремни сме и со нетрпение го чекаме мечот. Сѐ може да се случи, фудбал е, но јас сум оптимист и се надевам дека ќе се пласираме на ЕП. Се направи репрезентација со спој на искусни и млади играчи, сите сме како едно семејство и ќе биде жално ако не ја искористиме оваа шанса. Треба да одиграме максимално ангажирано, уиграни сме, сите знаеме како треба да играме – вели капитенот Горан Пандев.
Победникот од вечерашниот натпревар во Тбилиси, на ЕП 2020 ќе игра во групата Ц, со Холандија, Украина и со Австрија, во Букурешт и во Амстердам. – Знаеме против кого и за што играме. Ова е натпревар што буди посебни емоции. Имаме шанса на фудбалска Македонија да ѝ донесеме пласман на Европското првенство. Среќни сме што сме дел од ова финале, но не застануваме тука – порача селекторот Игор Ангеловски.
Јовановски: Ќе решаваат детали Голем, важен меч. Никогаш не сме биле поблиску до ЕП и шансите за тоа се реални. Тоа ќе биде дуел помеѓу две рамноправни репрезентации според квалитетот, Грузијците ќе ја немаат публиката на помош. Очекувам победникот да го решат нијансите, деталите, по корнер, по некој прекин или слично, бидејќи по двата претходни натпревари нема непознати за начинот на игра или за тактиката на двете селекции. Оптимист сум и се надевам дека Македонија ќе триумфира, вели Ѓоре Јовановски, поранешен селектор на Македонија.
Ѓоргиев: Прекрасно е да се игра на ЕП Многу битен, значаен и тежок натпревар, но верувам во македонските фудбалери предводени од капитенот Горан Пандев. Им посакувам пласман на ЕП, да ја израдуваат цела Македонија, и следната година сите да навиваме за нив. Прекрасно е чувството да се игра на ЕП, јас го доживеав тоа лани, тоа беше еден од најубавите моменти во мојата кариера, реализација на спортските соништа. Тоа чувство им го посакувам и на сите македонски фудбалери, порачува Никола Ѓоргиев, капитенот на одбојкарската селекција на Македонија.
Лесевски: Очекувам победа Очекувам победа на Македонија и мислам дека ова е најсилната репрезентација што досега сме ја имале. Нема да биде лесно, и Грузија има свои адути, игра дома и, исто така, посакува пласман на ЕП, но, сепак, очекувам Македонија да триумфира во овој многу важен натпревар, рече Иван Лесевски, долгогодишен тренер и селектор на алпската репрезентација на Македонија, учесник на повеќе зимски олимписки игри и на светски првенства.
Тодоров: Оптимист сум Секако, голем натпревар за Македонија, оти со победа над селекцијата на Грузија првпат во историјата ќе бидеме дел од едно фудбалско европско првенство. Оптимист сум, верувам дека македонските фудбалери имаат и сили и знаење да стигнат до посакуваната цел, со колективна, борбена игра, вели Александар Тодоров, селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија. Г.И.