Проекција на документарниот филм „Маргина“ и разговор со режисерот Темелковски
КСП Центар-Јадро денеска организира онлајн проекција на документарниот филм „Маргина“ и разговор со режисерот на филмот Љупчо Темелковски.
Проекцијата ќе може да се проследи во 18:30 часот на Фејсбук профилот на КСП Центар-Јадро. По проекцијата на филмот, ќе има дискусија со режисерот Темелковски на која публиката ќе може да учествува со свои коментари и прашања.
„Филмот ‘Маргина’ го прикажува животот во ромската заедница, давајќи многу интимен увид во реалноста на едно ромско семејство во Македонија, кое постои ‘на работ’ од европското општество. Без очигледен патос, филмот го прикажува секојдневниот семеен живот, обележан со социјална маргинализација и економски тешкотии, но и вообичаени домашни проблеми. Присуството на камерата е блиско, но сепак чувствително, наоѓајќи јазик преку набудување, што на семејната приказна и дава своја платформа. Како и многу Роми од регионот, така и членовите на ова семејство се принудени да заработуваат за живот со сечење огревно дрво за нивното неромско соседство. Со тоа, тие тесно комуницираат со македонското етничко мнозинство и стануваат предмет на повеќе или помалку груби форми на расизам. Многу сцени не се лесни за издржување поради структурното, а честопати и несвесно, вербално насилство, што се случува. Во потрага по подобар живот, семејството одлучува да се обиде да се снајде во Германија, со цел да побара азил и да ја помине зимата таму. Филмот прикажува една потресна врска помеѓу индивидуална приказна и глобалната состојба на поголеми приливи на бегалци“, велат од КСП Центар-Јадро.
Љупчо Темелковски, своето образование го комплетирал во областа фотографија, видео-уметност, наративен филм и генеративна уметност. За неговиот социјален ангажман преку неговите проекти, Темелковски доби стипендија од Фондацијата Роза Луксембург. Неговите дела беа прикажани на различни национални и меѓународни уметнички фестивали и галерии. Од 2016 година, работи како социјален работник, помагајќи им на ромски семејства од југоисточна Европа. „Маргина“ ја имаше својата промоција во 2015 година на македонските филмски фестивали.