top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Клоп, Солскјер и Гвардиола застанаа во заштита на фудбалерите

Дерби-дуелот помеѓу првакот и вицепрвакот во фудбалската Премиер-лига во претходните две сезони, Манчестер сити и Ливерпул, на стадионот „Етихад“ заврши без победник, 1-1. По мечот, наместо за случувањата на теренот, фокусот на менаџерите на двата тима, Пеп Гвардиола, односно Јирген Клоп, беше насочен кон згуснатиот календар на натпреварите и зачестените повреди на фудбалерите. Тие повторно ја отворија и дебатата за одново да се дозволат по пет измени на фудбалери на натпреварите (во Премиер-лигата се дозволени по три замени), како што препорача ФИФА, а УЕФА го применува во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), пишува „Би-би-си“. – Нешто мора да се менува во календарот на натпреварите. Момчињата се на крајот од силите. Играњето во среда навечер, а потоа во сабота напладне е нешто што мораме да го смениме. Во недела не е проблем, но не напладне бидејќи тоа е убиствено. Се будите и играте фудбал, во период на закрепнување. Премиер-лигата мора да се промени. Скај, БТ спорт, сите мора да поразговараат меѓу себе. Сакате добар фудбал? Дајте им на момците неколку часа повеќе за одмор. Сакаме да играме, но го слушнав и Оле Гунар Солскјаер и го разбирам 100 отсто – изјави Клоп за „Би-би-си спорт“. Токму во таква ситуација се најде Манчестер јунајтед, кој во средата му гостуваше на Башакшехир во ЛШ, а во саботата играше против Евертон на гости напладне. Таквиот распоред Солскјер го нарече „шега“, на мечот на кој се повреди бекот Лук Шо.

– Одигравме многу натпревари сезонава, бевме во Турција, игравме во средата навечер, оттаму се вративме во четвртокот во четири часот наутро и потоа играме во сабота напладне, тоа е апсолутен хаос. Што е проблемот со играњето во недела? Грижете се за играчите, веќе имаме премногу повреди во Премиер-лигата, не станува збор само за моите играчи, туку и за другите – изјави Солскјер. Гвардиола е на иста „бранова должина“ со Клоп и со Солскјер кога станува збор за заштита на здравјето на фудбалерите. – Во Германија, Шпанија, Италија има по пет замени, но тука имаме три. Не ги штитиме играчите и тоа е катастрофа. Дел од мојата работа е да ги штитам играчите и сѐ што сакам е тие да бидат без повреди и во форма. Но сега кога ќе дојдат на тренинг, тие се истоштени. Леброн Џејмс, на пример, ја освои титулата во НБА и сега е на одмор еден, два, три месеца. Фудбалерите имаат осум дена, до две недели одмор и потоа натпревари, натпревари, бидејќи некој така одлучил. Слично беше и во периодот на Алекс Фергусон, Арсен Венгер, Рафаел Бенитез, исто е и сега, ништо не се смени. Такви влијателни менаџери ништо не успеаја да променат, па не верувам дека и сега нешто ќе се смени, со мене, со Јирген или со Оле – вели Гвардиола.

3 views
bottom of page