top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

АКТЕРОТ СAШКО КОЦЕВ: Ми недостасува уживање во успехот и патење во неуспехот

Тој е еден од ретките актери кој кога се појави – ме прелажа. Пред нешто помалку од дваесетина години бев сигурна дека Сашко Коцев ќе биде добар комичар и стенд-ап забавувач. Не, не ме повлече влијанието на Златна Бубамара (мислам дека тогаш и не ја водеше), особено што не сум фан на таков вид забава, туку зашто го земав здраво-за готово мислењето на некои негови колеги, а за кое подоцна разбрав дека е типично “колегијално” за македонски прилики. Има еден друг факт кој сигурно ме повел – едноставно неговото лице и очи се смеат, барем на прв поглед. Но, не помина долго, кога знаев дека на македонската театарска сцена добивме извонредно сериозен актер, потврдено во “Вишновата градина”, “Магбет”, “Не се клади на Енглези” и други. Македонскиот народен театар е неговата матична сцена.

Многумина од колегите сметаат дека им ги зема улогите, ама дефинитивно не е по негова вина. Едноставно – го бидува за сè.

Ниту “До балчак” на Столе Попов, ниту “Трето полувреме” на Дарко Митревски, ниту пак овој новиот, кусиот филм “Налепница” на младиот Георги Унковски, кој ни беше директен повод за разговор, немаше да го имаат тој фактор на “шарм со леснотија” или “personality” што ја поседуваат одличните актери. Тоа го препознаа и неодамна на фестивалот за краток филм во Берлин, каде македонскиот актер Сашко Коцев ја доби наградата за најдобар актер, откако претходно филмот се квалификува во трката за Оскар по победата на фестивалот “Ин д палас” во Софија и на филмскиот фестивал во Нешвил, САД. Македонската црна комедија која раскажува за патешествијата на јунакот на филмот, кој го регистрира своето возило, но поради недостиг на налепници има многу неверојатни ситуации, ја видоа во официјална конкуренција на дури 135 фестивали.

Актерот и режисерот во симбиоза

Обично наградените велат дека не работат за награди, ама наградите секако се вреднување за сработеното и сатисфакција за ново вреднување. Наградата во Берлин за главната улога во краткиот филм “Налепница” веројатно ќе “држи” до некој следен ангажман на филм. Колку беше тешко (или лесно) во 17 минути филм да се изгради лик и да се раскаже една цела приказна? – Секако филмот како изразна форма, во најголем процент е уметност и умешност на режисерот. Актерот е само еден вид на орудие, а воедно и материјал со кој заедно со режисерот ги гради ѕидовите, покривот и останатите финеси на тоа дело, наречено филм. А, таа умешност најтешко, но и најрепрезентативно можеме да ја претставиме токму на краток филм, затоа што тоа скратено дело од филмската форма, има потреба од – многу пократки сцени, а со тоа за актерот и скратени емоции, реакции и најбитното – скратени дијалози. Затоа кратките форми се вреднуваат по други критериуми и покрај тоа што многу често се потценети. Така да, според ова и на актерот му е отежната работата. Неговиот распоред на емоции низ приказната се стеснува, нема место за пропусти за време на снимањата, па затоа будно ги следи индикациите на режисерот. Ја имав таа среќа да работам со овој млад режисер на кој потполно му верував и немав никаква дилема за дадените назнаки, сугестии и индикации. Затоа мислам дека приказната е јасна, емотивна, а воедно и духовита.

Филмот на младиот Унковски и нам, овде дома, ни го сврте вниманието кон тој формат на филмови (краток филм), откако претходно тоа го направи “Медена земја” за документарен филм. Стануваат ли тие атрактивни за еден актер од твој ранг кој зад себе има долгометражни филмови? Што е привлечното? – Актерот се занимава само со едно, кој ќе биде во следните 15, 120 или кој знае колку минути. Кој е тој човек што ќе го игра, колку се предизвикувачки неговите проблеми и како тој човек, кој ние го викаме лик, ќе погледне во последниот кадар пред одјавната шпица или гасење на рефлектор на театарската сцена. Колку тој напишан лик ќе е далеку или колку ќе е блиску до моите животни искуства, колку ќе го промени тој лик неговиот драмски живот, а сето ова се вика – сценарио. Затоа за актер секогаш најпривлечното ќе му е сценариото. Ова сценарио, беше љубов на прв поглед и воопшто немав претстава дали филмот е 2, 20 или 200 минути. Тргнав на закажаниот термин за аудиција кај режисерот без никакви дилеми, точно знаев каков филм сака да сними. Затоа ми е многу драго дека се разбравме и соединивме со неговите идеи и заедно тргнавме да играме на линијата помеѓу драмата и комедијата. Резултатот е евидентен – многу фестивали и многу награди.

Пандемијата се чини како најголем удар да и зададе на т.н. “жива” култура, театарот, музичко-сценските дејности. Уметниците ги оддалечи од сцената, а подеднакво и публиката од театарот. Втора сезона театарот работи во ковид-услови. Колку тоа принудно дистанцирање од сцената ти паѓа тешко? – Отсекогаш сум изјавувал дека сум зависник од аплаузот. А најмногу од оној последниот, кога публиката со него нè повикува на последната средба, а тоа е поклонот. Со аплаузот секој актер посебно е награден за одиграниот дел и тој аплауз нам ни одѕвонува уште многу часови по завршување на претставата. За жал, заради настанатата ситуација ние мораме да се дистанцираме не само од себеси, туку и од ликовите кои ни ги носат овие аплаузи и со кои ликови ги заслужуваме аплаузите. Тоа е посебно тешкиот момент кој му недостасува на актерот. Уживање во успехот и патење во неуспехот.

Мала одишка

Ангажманот во проект во странство се одложи. Одложени се многу фестивали, гостувања. Претпоставувам дека првично се одморивте од работата, ама веќе ви недостасува сцената. Како и каде се гледате во наредниов период, кога е во прашање професионaлната работа? – Да, се одложија и се откажаа доста проекти. Но, сепак ова не е период од 10 години во кои актерот може толку многу да се промени и тоа да му влијае негативно. Ова е само мала оддишка, за мене, а и за целиот свет. Се надевам ќе заврши со што помалку трагични моменти и пак ќе уживаме во аплаузот. Секако себе се гледам на сцената на МНТ, мојот втор дом, каде што ќе ја продолжиме успешната приказна помеѓу сцената и публиката, помеѓу громогласните смеења и тивките шепотења кои ги слушаме од партерот. А, како лична приказна и упорност, посебно во филмската сфера, се надевам мојот зацртан план ќе продолжи надвор од границите, што ќе биде мој личен доказ за квалитетот кој сум го градел низ годините и искуството.

Театарот веројатно е едно од ретките упориша каде се штити културната вредност. Во време на ерозија на цел еден вредносен систем, се чувствувате ли обврзани со квалитетно уметничко давање, барем малку да се задржи на површината, да не потоне, уметничкото, вредното?

– Од сите зборови најмногу ме заинтригира зборот потоне. Татарот е многу стара форма. Уште од најстарите ритуали околу огништето, не може да потоне, не може да го снема. Тој е исконска потреба на човечкото суштество, потреба за магија, за божество, за излез од самиот себе, над себе, ситење на туѓата несреќа и среќа, а сите овие зборови ги соединува еден збор – катарзис. Човековата потреба за катарзис – прочистување никогаш нема да згасне. Не мислам и дека оваа пандемија која ја запре денешната форма на театарот е прва во постоењето на човештвото, затоа воопшто не сум загрижен. Можеби ќе се изродат нови форми, но прочистувањето и потребата за него, со сите свои пропратни сегменти, ќе остане исто. Политиката на голема врата е влезена во театарот, почнувајќи од изборот на директор, репертоарот, кастинг за претстави. Има ли начин театарот да се дистанцира од дневната политика, особено што низ историјата тој бил местото на критика на власта, која и да е таа. – Не се разочарувам затоа што, “наложените” текстови, режии, актери и претстави публиката ги препознава. А, сепак, за театар се потребни двајца, едниот да игра, а другиот да гледа. Па ако останат без публика, залудни се сите напори. Публиката го препознава вистинскиот пишан збор, вистинската диригентска палка на режисерот и вистинската љубов на актерот. Инаку, театарот треба, но сега-засега потешко се дистанцира од овие наложени моменти, затоа што сè уште во својот буџет и концепт е 100 отсто државен театар. А, тоа повлекува извесни наложувања. Но, сепак ние како колектив мислам дека досега успешно сме ги избегнале во најголем процент од предложеното.

Посветен и нежен татко и сопруг

Веројатно овој ковид-период повеќе ве сврте кон семејството, особено за времето поминато дома. Колку тоа им значеше на домашните и која ви е омилена домашна занимација? – Дома ги играм сите улоги, строг, тажен, среќен, еуфоричен, занимлив и замислен и меланхоличен татко. Ги држам во форма и подготвувам за кога тоа вистински пак ќе ми се случува, па да не им изгледам чудно. Но, само една е вистинската – посветен и нежен татко и сопруг.

Лилјана ГРЏО ДАМОВСКА

vecer.press

3 views
bottom of page