Џенова засега нема да му дозволи на Пандев да му се приклучи на националниот тим
Македонската фубалска репрезентација за четири дена го игра најважниот натпревар во својата историја, а италијанските здравствени власти може сериозно да ги искомплицираат плановите на селекторот Игор Ангеловски.
Вечерва италијанските медиуми пренесоа дека локалните здравствени власти им забраниле на неколку клубови, меѓу кои и Џенова, да им дозволат на репрезентативците да патуваат во своите земји на подготовки со националниот тим.
Одлуката се однесува на клубовите кои имаат по барем еден позитивен случај на коронавирусот, а покрај Џенова, тука се и Интер, Сасуоло, Фиорентина, Рома и Лацио.
Фудбалерите можат да излезат од клупскиот „меур“ кога ќе заврши периодот на изолација, но нејасно е дали Пандев би добил зелено светло навреме за да може да настапи на 12 ноември.
Елјиф Елмас засега нема пречка да им се приклучи на колегите од националниот тим, затоа што во Наполи нема позитивен фудбалер, а засега нема ништо од шпекулациите дека Аурелио Де Лаурентис нема да им дозволи на репрезентативците да играат во овој ноемвриски термин за националните тимови.
Нема најави и дека Удинезе би можел да го блокира Илија Несторовски, кој е нашиот трет претставник во Серија А.