top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Тина Иванова: Филхармонија продолжува со врвни светски музички имиња и во услови на пандемија

„Промените се случуваат секојдневно, постои неизвесност и колективна психолошка мачнина, но Филхармонија работи исклучително добро и во овие услови на пандемија. Уметноста не смее да трпи, не смее да и се направи евтаназија, уметниците живеат за уметноста… Така што, се надевам, дека ќе продолжиме да работиме, затоа што музиката спасува животи, нè обединува, нè оттргнува од суровата реалност, ни дава сила…“, вели за весникот ВЕЧЕР, Тина Иванова, која од пред еден месец е новата в.д. директорка на Филхармонија

Во многу културни установи во државата предвидената програма изминатите месеци не можеше да се реализира поради бројни откажувања на уметниците од странство. Филхармонија е една од ретките кои и во услови на светска пандемија успева да го задржи интересот на публиката со атрактивни музички настани и гости од сите делови на светот и тоа со целосно почитување на протоколите. Предвидената програма се реализира на голема радост на љубителите на класичната музика, а како што вели новата в.д. директорка на Филхармонија, Тина Иванова, и во наредниот период публиката ќе ужива во изведбата на врвни музичари, нормално, доколку дозволат условите.

„Не е лесно сега да се организираат концерти, токму поради откажување на уметниците. Се соочуваме и со таков вид на проблеми, кои за среќа брзо ги решаваме. И, она што е најдобро, е што од самиот старт на концертната сезона, не само што не сме откажале ниту еден концерт, туку некои од нив можеа и ќе можат да се проследат и оналјн. Имавме врвни солисти и диригенти, меѓу нив секако и нашиот шеф-диригент, маестро Габриел Бебешелеа (Романија), со кого имаме неверојатно добра комуникација и маестро Конрад ван Алфен, кој пак, е наш почесен гостин-диригент, нашите Сашо Татарчевски и Џијан Емин, маестро Емил Табаков (Бугарија)…“, вели Иванова.

Нови атрактивни концерти до крајот на годината и потоа

Директорката Иванова секако, ги посочи и солистите, младата и извонредна Даниеле Акта (Израел) на виолончело, вокалните солисти Хајке Веселс и Корби Велч (Германија), виолинистките Ајман Мусахоџаева (Казахстан) и Алена Баева (Русија), пијанистите Дмитри Маслеев (Русија) и Франческо Тристано (Луксембург)… Одржан е и концертот на „Куарем квартет“, атрактивен ансамбл од Мексико/Франција/Шпанија, во Камерната сала, а во четвртокот во Филхармонија се одржа и концерт на атрактивниот Франческо Тристано, со малку поинаков светлосен дизајн и сонувачка програма која беше фузија на традиционалното и модерното.

„Следува концерт посветен на музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен со нашиот извонреден пијанист Дино Имери и маестро Јерухам Шаровски како диригент на 12 ноември и на 26 ноември, концерт со врвната Анастасија Кобекина на виолончело од Русија и маестро Бебешелеа. Го планираме и Гала-новогодишниот концерт кој ќе биде изненадување и потоа, до крајот на сезоната, сè е договорено, ќе имаме навистина извонредни настани, но во моментов неизвесно е се и не сакам ништо однапред да најавувам“, додава Иванова.

Таа на позицијата в.д. директор на Филхармонија дојде пред еден месец. Ја запрашавме колку во овие услови раководната функција е предизвик?

„Ми беше вистински поттик да се нафатам на оваа работа токму сега. Промените се случуваат секојдневно, постои неизвесност и колективна психолошка мачнина, но Филхармонија работи исклучително добро и во овие услови на пандемија. Уметноста не смее да трпи, не смее да и се направи евтаназија, уметниците живеат за уметноста. Така што, се надевам, дека ќе продолжиме да работиме, затоа што музиката спасува животи, нè обединува, нè оттргнува од суровата реалност, ни дава сила…, вели Иванова, која по професија е музиколог, има неколкугодишно искуство во Филхармонија како продуцент, а доаѓа и од редовите на новинарската фела која добро ги познава состојбите во културата.

Уметниците настапуваат без страв, публиката ги почитува протоколите

Во моментот програмата се реализира и тоа во согласност со сите мерки за заштита. На прашањето има ли сепак страв кај уметниците да настапат, и од друга страна каков е интересот на публиката во моментот за настаните, Иванова посочува: „Страв постои, тоа е колективна параноја. Но, токму во музиката, како еден од начините за справување, може да се бара решението. Јас сум длабоко уверена дека музиката е еден од најдобрите лекови за сите болести на човештвото. Инаку, програмата се реализира со сите мерки за заштита. Со намален број на музичари и со нивна ротација. Музичките уметници на сцената се оддалечени едни од други, носат маска и по завршување на пробите не се задржуваат во објектот. Некои средби и состаноци ги држиме онлајн, доколку станува збор за поголема група на луѓе. Вработените кај нас, особено во делот на техничкиот персонал, обезбедувањето, сценската техника, распоредителите, се задолжени за редот во куќата и внимаваат на секаков детаљ за време на концертите особено. Сите, пак, што ги посетуваат концертите на Филхармонија исто така ги почитуваат протоколите“, додава Иванова.

Енергијата како што вели, во иднина ќе ја насочи Филхармонијата да стане достапна за сите, за секој љубител на музиката.

„Филхармонија не е само за елитата. Таа е на сите граѓани. Силен предизвик е да се привлече помладата публика, но и онаа публика која до сега имала отпор спрема класичната музика поради различни причини. За среќа, сега го имаме во нашите редови маестро Габриел Бебешелеа, нашиот шеф-диригент, кој е целосно вклучен во изборот на програмата и тој има добра визија. Се надевам дека ќе ги соединиме идеите и дека ќе креираме прекрасни концерти. Мораме да се движиме паралелно со светските музички струења и да го следиме и пулсот на уметничката јавност“, вели Иванова.

1 view
bottom of page