Македонска уметница изложува во стаклена витрина на Родопите
Самостојна изложба на Кристина Зимбакова со наслов „Светилиште“ е отворена во галеријата „Расклон“ на Родопите во Бугарија. Ликовната изложба се одржува на отворено, во експериментална стаклена витрина на галеријата во источните предели на планината Родопи во Бугарија. Поставена е на крстосница од шумски пат помеѓу планинските села Царино, Чорбаџиско и Валчанка, на 500 метри надморска височина во близината на грчката граница. Настанот е во организација на холандско-бугарската уметничка фондација „Царино“. Поставката ја сочинуваат четири симболични слики во комбинирана техника на хартија од габи, рачно изработена од авторката. Изложените дела, „Распната спила“, „Подјармено дрво“, „Светилиште“ и „Се к’ти ноќта црна“, се создадени конкретно за локалитетот во периодот 2019-2020 година, а се поставени зависно од позицијата на сонцето. Габите и лишаите се најзастапено изразно средство, применети при цртање фигури или создавање мозаик, покрај акрилот, пастелот и јагленот. Видовите, од кои некои се ретки или ендемични, се собрани при лични теренски истражувања по планините низ Македонија, во соработка со биолози.
Кристина Зимбакова (1975 г.) негува интердисциплинарен приод кон уметноста, па во нејзиното творештво се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки. Иако нејзините дела се главно фигуративни и со лирски призвук, преку вметнувањето габи и лишаи се стреми да ја поттикне и свеста за зачувување на овие фасцинантни, прастари, но често занемарени организми иако се клучни за животот на нашата планета. Изложувала во Македонија, Европа и во САД, а нејзини позначајни самостојни изложби се следниве: на врвот Сечена Скала (1.740 м н.в.) од планината Беласица на македонско-грчката граница (2019); Факултетот за уметност при универзитетот „Алстер“. Белфаст, С. Ирска (2017); Научниот собир на Европскиот совет за зачувување на габите, Охрид (2017).