top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Зоран Петковски – ракометен голман со 15 трофеи

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (180)

На ракометната сцена во нашата држава во минативе години продефилираа многу имиња што имаат голема заслуга за она што е денеска Македонија во светот на ракометот. Благодарение на традицијата, зашто ракометот се игра уште од почетокот на 50-тите години од минатиот век, а и квалитетот на генерациите што подоцна доаѓаа во овој спорт, тој се издигна на високо европско и светско ниво. Што е многу значајно од крајот на минатиот век, откако станавме самостојна држава, сениорската репрезентација почна да настапува на европските (ЕП) и на светските првенства (СП). Прво тоа се случи на ЕП 1998, а една година подоцна националниот тим дебитира и на СП. Потоа доаѓа до мал застој на настапите на врвните приредби, за од вториот дел на првата декада на овој век до денес сениорскиот национален тим во континуитет да се појавува на ЕП и на СП. Во овој период беше постигнат голем успех со 5-то место на ЕП 2012 во Србија. За да се постигне сето ова требаше да се има и избор на квалитетни играчи. Еден од оние ракометари што оставија белег, и тоа во моментите кога нашите клубови, потоа и репрезентацијата се пробиваа кон врвот, беше голманот Зоран Петковски. Ако ја погледнеме неговата биографија, ќе видиме за каков ас станува збор. Затоа, интересно ќе биде да видиме како течеше кариерата на еден од нашите најдобри голмани, по чии стапки тргнаа и двата сина, Андреј и Христијан.

ПРЕКУ КОШАРКАТА ВО РАКОМЕТОТ

Во периодот кога македонскиот спорт го доживуваше своето квалитетно издигнување, многу млади момчиња беа на крстопат, каде да ја почнат својата кариера. Таков беше случајот и со Петковски, кој во училишните денови во 1982 година почна со кошарката, за потоа, по иницијатива на меѓународниот ракометен судија Зоран Наумовски, да ја замени кошарката со ракометот. – Мислам дека добро сторив. Ако останев во кошарката, не знам до каде ќе дотуркав, но затоа, пак, во ракометот, како голман, стигнав до самиот врв. Моите почетоци беа во Партизан од Драчево, во кој сите дишевме како еден и токму поради тоа бевме како една „тврдина“, тешко совладлива за противниците. Со екипата од Драчево имам многу убави спомени на кои и денес се сеќавам. Тие останаа врежани во мојата меморија и кога ќе се присетам на тоа време ме обзема некаква чудна возбуда – вели Петковски од оваа временска дистанца. Откако веќе дефинитивно ги покажа своите голмански квалитети, нормално Петковски бараше нови предизвици. – Почувствував дека веќе ја надминав средината во која почнав да играм ракомет и барав нови предизвици. За моја среќа, меѓу оние што ме следеле бранејќи за тимот од Драчево беше и еден од нашите легендарни играчи и тренери Дејан Мариќ. Тој беше на кормилото на Работнички и ми понуди да одам во тимот на „железничарите“. Знаејќи за каков клуб се работи, кој зад себе имаше долга и богата традиција, меѓу другото во 1950-тите години беше и единствениот македонски прволигаш во југословенската лига, кај мене воопшто немаше колебање.

Дури бев почестен што од Мариќ, кого го ценев како тренер, зашто не само што беше квалитетен туку беше и вистински ракометен ентузијаст, добив покана да одам во неговиот клуб. Уште пред да се преселам во Градскиот парк, добро го знаев тимот на Работнички. Тоа беше еден висок состав со неколку ракометари од 190 до 195 сантиметри. Тука меѓу другите беа веќе афирмираните играчи Марјан Панчев, Ставрев, Кочовски, Давков, Николиќ, Љубевски, Тасевски. Во Работнички останав четири години, од 1985 до 1989 година, кога заминав на отслужување на воениот рок во тогашната ЈНА. Така дојде до прекин на мојата кариера. Инаку, до тој период јас веќе настапував за младинската репрезентација на Македонија и учествував на оние традиционални турнири „Братство и единство“, на кои настапуваа и подоцнежните ракометни ѕвезди од калибарот на покојниот Изток Пуц, потоа Маглајлија, Бутулија и други – вели тој.

ПО ВОЈСКАТА, ПРЕСЕЛБА ВО ВАРДАР

Инаку, додека беше во редовите на ЈНА, Зоран Петковски имаше можност да тренира. Добра работа беше што во тој период се одржуваа Сеармиските првенства, на кои настапуваа репрезентациите на сите воени области. Така, Петковски ѝ дојде како нарачан на ракометната екипа на Нишката област и беше еден од најзаслужните што нишките војници-ракометари завршија на одличната трета позиција. – И тоа време не се заборава. Квалитетните спортисти што бевме на отслужување на воениот рок ја имавме таа привилегија да тренираме и да ја одржуваме формата, па кога излегов од ЈНА бев подготвен веднаш да застанам помеѓу стативите и да бранам за некој посилен клуб. Тогаш Вардар беше во Втората југословенска лига, која беше мошне силна, и јас ја прифатив понудата од Владо (Бапси), брат на првиот човек на клубот Михајло Михајловски, кој и денес е на чело на нашиот најквалитетен клуб, и дојдов во црвено-црниот табор.

По двегодишно играње во Втората, Вардар се пласира во Првата лига, но тогаш дојде и распадот на поранешната држава, па така се нарушија многу работи. Хрватска и Словенија формираа сопствени лиги, а ние со клубовите од другите републики продолживме да се натпреваруваме во Првата лига додека не дојде до конечниот распад на Југославија – вели Петковски. Од тие прволигашки денови, Петковски се сеќава на многу квалитетни натпревари, кои биле полни со возбуда и неизвесност. – Нема да ги заборавам дуелите, особено оние што ги игравме пред наша публика, во тогашниот наш дом, салата во Расадник. Тука, „покосивме“ многу поафирмирани екипи од нас. Ги победувавме Црвена звезда, Борац од Бања Лука, Црвенка, Љубовиќ, Железничар и други. Јас бев резервен голман, секогаш предност имаше навистина извонредниот и искусен чувар на мрежата Царчев. Но кога добивав шанса да бранам, тоа го правев максимално и мислам дека на неколку натпревари против реномираните противници и јас имав голема заслуга во конечните победи – рече тој.

НЕЗАБОРАВНОТО НЕГОТИНО

Новоформираната македонска лига отвори врата за многу екипи да се докажуваат, а на ракометарите им овозможи да ги покажат своите вистински вредности. – Сакајќи да бранам и да бидам прв голман во некој клуб, го одбрав Повардарие од Неготино. Помладиве генерации можеби ќе се зачудат, но јас морам да кажам дека тоа беше квалитетен клуб, во кој владееше големо другарство, кој стигна и до настапи на европската сцена. Градот едноставно живееше за ракометот и за Повардарие. Ние бевме спортските херои на Неготино. Како потврда на ова ќе кажам дека сите ги ценеа резултатите што ги постигнувавме, а фактот што двапати бев избиран за најдобар спортист на градот, доволно зборува за тоа колкав бил мојот придонес во постигнатите резултати на Повардарие. Најсреќен, во тие моменти на славење, беше човекот што ме убеди да дојдам во Неготино, Илија Ѓорѓиев-Манџата, а секако и тренерот Ристо Трпчевски-Буцо, со кого имавме и други ракометни епизоди во странство, конкретно во Турција – продолжи Петковски. Одличните одбрани во Повардарие, кое стигна и до европскиот куп, беа доволна причина Зоран Петковски да биде прогласен за најдобар голман во Македонската лига. Потоа доаѓаат нови понуди, а за тоа како течеше неговата кариера понатаму и како изгледаа првите мигови во македонскиот сениорски репрезентативен дрес, ќе читате идната недела.

ЗОРАН ПЕТКОВСКИ

Роден: во 1968 година во Скопје Кариера: Партизан Драчево, Работнички, Вардар, Пелистер, Јафа промет, Дијарбакир (Турција), репрезентација на Македонија Успеси: освоени 15 трофеи на македонско тло, настап во полуфиналето на европскиот куп со Пелистер, член на првата македонска сениорска репрезентација, прогласуван за најдобар голман во МРЛ Тренерска кариера: тренер на голманите и на кадетско-младинските селекции на РК Вардар

novamakedonija.com.mk

4 views
bottom of page