Баерн израмни рекорд на Борусија Менхенгладбах
ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА, ПО 7-ТО КОЛО Баерн се искачи на лидерската позиција во Бундес-лигата со 18 бода од седум натпревари (шест победи и еден пораз), по победата на гости над големиот ривал Борусија Дортмунд во германското дерби „Дер Класикер“ со 3-2. – Сензационален, многу квалитетен натпревар, со многу шанси за двата тима. Бевме малку поефикасни пред голот и мислам дека победата е наполно заслужена. Борусија беше многу опасна кога правевме грешки. Треба да бидеме потрпеливи за да немаме такви ситуации почесто – изјави тренерот на Баерн, Ханси Флик. Роберт Левандовски, стрелец на еден гол, кому ВАР-судијата му поништи уште два гола, има постигнато 13 погодока на последните осум првенствени меча против поранешниот клуб. Тој го израмни и сопствениот рекорд од 11 гола, дадени на првите седум меча од ланската 2019-2020 сезона. Младиот 20-годишен норвешки интернационалец, Ерлинг Холанд, го постигна 19-от гол на 21-от дуел во Бундес-лигата. Рекордер е славниот германски фудбалер Уве Зелер, кој има дадено 19 гола на првите 20 натпревари. За споредба, Левандовски даде само пет гола на првите 21 меч. Баерн стигна и до бројката од 102 гола на 31 натпревар под водство на Ханси Флик, во просек 3,2 по меч, што е најдобар ефект за кој било тренер во клупската историја. Фудбалерите на Баерн на седумте натпревари сезонава постигнаа 27 гола со што го израмнија рекордот на Борусија Менхенгладбах од сезоната 1973/1974. „Дер Класикер“ се смета за еден од најголемите дерби-натпревари во Европа и во светот. Дербито е од поново време и станува збор за ривалство, иако Баерн е подоминантен и потрофеен. Од 2013-та па досега, Баерн има 15 победи наспроти трите на Борусија (гол-разлика 39-12), во „Дер Класикер“.
Подемот на Борусија Дортмунд почна со доаѓањето на Отмар Хицфилд во 90-тите години од минатиот век. За шест сезони под негово водство, во 1995-та беше освоена првата титула во Бундес-лигата, а потоа и втората, во 1996-та. Во 1997-та Борусија стана и европски првак победувајќи го Јувентус со 3-1 во Минхен. Следната година Хицфилд ќе стане тренер на Баерн и во следните шест сезони ќе освои четири титули во Бундес-лигата и една во Лигата на шампионите. Ривалството повторно ќе се интензивира на почетокот од оваа деценија кога Борусија под водство на Јирген Клоп ќе освои две бундеслигашки титули, на што Баерн ќе возврати со триумф во финалето на ЛШ 2013-та, како и со осумте првенствени титули по ред.