Американците и Русите најавуваат: Во 2021 ќе се снимаат филмови во вселената
Руските и американските продуцентски куќи наголемо најавуваат снимање на филмови во вселенските станици наредната година. Руската драма наречена „Предизвик“ е заеднички проект на руската вселенска агенција Роскосмос, Првиот канал и студиото “Yellow, Black and White”, а снимањето на Меѓународната вселенска станица е најавено за есен.
Продуцентите веќе одлучија дека за заплетот на филмот е подобро главниот лик да биде женски, иако претходно беше најавено дека ќе се одржи кастинг за актери од двата пола, објави рускиот Прв канал. Првиот канал наскоро ќе објави кастинг во Русија, каде ќе биде избрана актерка која ќе го игра главниот лик, како и нејзина дублерка. Актерката што ќе ја игра главната улога ќе мора да помине обука за астронаути и да добие одобрение од Комисијата за летови во Роскосмос.
Претходно беше најавено дека филмот ќе го режира Клим Шипенко кој рече дека планира да оди на Меѓународната вселенска станица за да снима филм.
Режисерот Даг Лајман и холивудскиот актер Том Круз исто така планираат да снимат филм во вселената, во капсула „Змеј“, а снимањето е најавено за октомври 2021 година.