„Битлси“ инкасирал над 90 милиони долари минатата година
Децении по неговото распаѓање, „Битлси“ сè уште заработува мегакеш. Компанијата формирана од преживеаните членови на легендарниот бенд остварила приход од над 50 милиони фунти (90 милиони долари) минатата година, пренесува британски „Дејли мирор“.
Годишните банкарски сметки на „Епл корпс лимитид“ покажаа промет од 50.244.899 фунти за 12 месеци завршно со јануари, што е еквивалентно на 137.657 фунти (ГБП) на ден, и покрај тоа што легендарната група тргна по одделни патишта пред повеќе од 50 години.
Според весникот „Дејли мирор“, преживеаните членови, сер Пол Макартни и сер Ринго Стар, заедно со вдовицата на Џон Ленон, Јоко Оно, и вдовицата на Џорџ Харисон, Оливија, добиле по 6,1 милиони фунти секој.
Во оваа сума влегуваат 1.417.000 фунти како дивиденда и 4.719.500 фунти во врска со обезбедување промотивни услуги и права на име.
Бројките на „Епл корпс“ исто така покажаа дека тие оствариле добивка пред даночењето од 8.606.191 фунта.