Проекција на „Хај-фај“ во чест на Данчо Чевревски во Кинотеката
На 7 ноември (сабота) со почеток во 18 часот на програмата на Кинотеката е филмот „Хај-фај“ (Hi-Fi, 1987) на Владимир Блажевски, еден од петте дигитално реставрирани филмови македонски играни филмови објавени на ДВД-носач.
Проекцијата на филмот е во чест на неодамна починатиот актер и продуцент Данчо Чевревски (1951-2020), кој во „Хај-фај“ оствари една од неговите позначајни улоги.
Секој посетител ќе добие подарок – ДВД-издание со дигитално реставрираните играни и документарни филмови на Столе Попов.
Данчо (Јорданчо) Чевревски дипломирал на ФДУ во Скопје на отсекот за драмски актери. Актерство на филм усовршувал на Универзитетот УКЛА во Лос Анџелес, САД. Бил и декан на ФДУ.
Глумел во десетици македонски и југословенски филмови.
Чевревски ќе биде запаметен и по неговите улоги во филмовите од понов датум: Панкот не е мртов (2008) на Владимир Блажевски, Деца на сонцето (2014) на Антонио Митрикески, Втора шанса (2019) на Марија Џиџева, а како еден од основачите на продукциската куќа „Триангл“ ги продуцирал и филмовите на Столе Попов, Џипси меџик (1997) и До балчак (2014).
Добитник е на повеќе награди: 1978 Годишна награда на весникот „Млад борец“ – Скопје / „Најдолгиот пат“; 1981 Сојузна награда Седум секретари на СКОЈ / „Црвениот коњ“; 1987 Годишна награда за најдобро актерско остварување на ревијата ЕКРАН – Скопје / „Хај-фај“…