top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нова сезона на „Дајте музика“ на МРТ

На првиот програмски сервис на МРТ во средата почна да се прикажува новата сезона на серијалот за деца „Дајте музика“. Новите 30 епизоди се снимени во копродукција на Македонската радио-телевизија и продукцијата „Рифенштал“. Авторка на серијалот е Цаци Паковска, а режисер е Марко Ѓоковиќ. Во новиот серијал учествуваат четириесетина деца, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска, а голем дел е избран на јавен повик за млади таленти објавен од продукцијата.

Серијалот ќе има многу македонска музика, сопствен бенд, битка за тронот „главен во маалото“, детски кавги и помирувања и други разни згоди и незгоди на добро познатите старомаалци. Целта на новите продолженија е преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности – добро однесување, здрави навики, чесност, одговорност, вистинско другарство и емпатија – низ призмата на модерната генерација и новите детски идоли. Во новите 30 епизоди ќе има 30 музички спота, од кои 19 се снимени на надворешни локации, интересни теми и гости и многу нови содржини во однос на минатата сезона. – Предизвикот беше огромен. Од една страна, имавме проект што за нецела година достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25 илјади претплатници на Јутјуб, прекрасна идеја за нови продолженија, ентузијастички расположен тим и огромна желба да го реализираме проектот.

Од друга страна, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемија. Наш прв приоритет беше да го комплетираме проектот здрави, во што и успеавме. Мислам дека нашата публика ќе биде задоволна од сработеното – изјави Паковска, продуцентка и авторка на серијалот. „Дајте музика“ ќе се емитува во среда, четврток и петок, во 11.40 и во 19 часот. Серијалот се реализира во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести и насоките од Aсоцијацијата на европски филмски агенции (ЕФАД).

3 views
bottom of page