Ерлинг Холанд продолжува со сензационалниот голгетерски ефект
Младиот норвешки фудбалски интернационалец Ерлинг Холанд (20) продолжува со сензационалниот голгетерски ефект во дресот на Борусија Дортмунд, претходно и на Салцбург. На мечот против Бриж на гости (победа на Борусија со 3-0), во третата рунда натпревари во групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ), група Ф, Холанд постигна два гола, вкупно 14 на првите 11 натпревари во ова натпреварување, што е рекордно постигнување. Претходно, 14 гола во ЛШ најбрзо постигна Хари Кејн од Тотенхем, но на шест меча повеќе од Холанд. Холанд, кој постигна вкупно 26 гола на 28-те натпревари за германскиот клуб, во кој пристигна во јануари годинава од Салцбург, може да се пофали и со податокот дека постигнал гол и повеќе на сите седум тима против кои играл во ЛШ, пишува „Би-би-си“. – Одигравме многу добро прво полувреме. Во второто полувреме му дозволивме на Бриж малку повеќе да ја има топката. Среќен сум што постигнав два гола. Белгиските тимови се малку посебни за мене – изјави Холанд, кој лани есента на мечот Салцбург – Генк (6-2) постигна хет-трик.
По три кола, Борусија е прва во групата, со шест бода, еден повеќе од Лацио, кој ремизира со Зенит, 1-1, на гостувањето во Санкт Петербург. Убедлива победа на гости забележа и Јувентус, против Ференцварош, со 4-1. Два гола постигна Шпанецот Алваро Мората, на стотиот натпревар во дресот на „старата дама“, во чиј состав се најде и Кристијано Роналдо, кој паузираше извесно време поради позитивниот наод на ковид-19. – За мене нема никаква разлика со кого играм во нападот. Роналдо и Паоло Дибала се одлични играчи, јас треба само да се приспособувам на нивните квалитети и да го искористам својот талент за да постигнам што е можно повеќе голови. Сега се чувствувам покомплетен играч во споредба со мојот претходен престој во Јуве. Сѐ што искусив во текот на мојата кариера ми помогна да станам подобар играч – изјави Мората.
Дибала, кој постигна еден гол, е единствениот играч на Јуве што шеста сезона во низа е стрелец во ЛШ. По три кола во ЛШ, најефикасни со по четири гола се Холанд, Мората, Диого Жота од Ливерпул и Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед. Пет фудбалери, предводени од Лионел Меси, постигнаа по три гола. Следува пауза поради мечеви на репрезентациите, а сезоната во ЛШ продолжува на 24 и на 25 ноември. Резултати, 3. коло, група Е: Челси – Рен 3-0, Севилја – Краснадор 3-2. Група Ф: Зенит – Лацио 1-1, Бриж – Борусија Д. 0-3. Група Г: Барселона – Динамо К. 2-1, Ференцварош – Јувентус 1-4. Група Х: Лајпциг – ПСЖ 2-1, Башакшехир – Манчестер јунајтед 2-1.