УЕФА не планира промени – ЕП во 12 града, со публика
ФУДБАЛ
Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека не планира промени во форматот или на градовите домаќини на одложеното Европско првенство (ЕП) 2020, за следната година. Оваа објава на УЕФА доаѓа по шпекулациите во некои европски медиуми дека се разгледува опцијата завршницата на ЕП да се одржи во една земја или во неколку од предвидените 12. УЕФА во март годинава одлучи да го одложи завршниот турнир за 12 месеци поради пандемијата на коронавирусот, но и понатаму цврсто стои зад форматот за играње во 12 града од 12 земји. Иако УЕФА не ја исклучува можноста за промена на форматот, истакнува дека во моментов не планира да го стори тоа. – УЕФА има намера да го одржи ЕП во формат и на местата потврдени годинава и ние сме во постојани контакти со сите градови домаќини во врска со подготовките.
Со оглед на неизвесностите за ковид-19, над што ниту УЕФА, ниту локалните организатори немаат контрола, во моментов е рано да се каже дали натпреварите во јуни и во јули 2021 година ќе имаат какви било ограничувања, како за гледачите, така и за домаќините. Напорите на УЕФА во моментов се насочени кон планирање турнир во сите 12 града, со присуство на гледачи. Одлуки спротивни на тој план можат да бидат донесени непосредно пред турнирот, доколку е потребно – пишува во соопштението на УЕФА, пренесува „Скај“.
Градови домаќини на натпреварите на Европското првенство се Амстердам (Холандија), Баку (Азербејџан), Билбао (Шпанија), Букурешт (Романија), Будимпешта (Унгарија), Копенхаген (Данска), Даблин (Република Ирска), Глазгов (Шкотска), Лондон (Англија), Минхен (Германија), Рим (Италија) и Санкт Петербург (Русија). Европското првенство треба да почне на 11 јуни во Рим и да заврши на 11 јули 2021 година, во Лондон.