top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Најавени уште три концерти: На ОФФест – добитник на Греми, Баклава и чалгии

Фестивалот на музика од светот ОФФест кој започна со емотивниот концерт на каталонската пејачка Силвија Перез Круз на 3 ноември, продолжува со уште три концерти. Публиката во наредниот период ќе има можност да ги проследи настапите на Добрила и Дориан дуо, тим познат како дел од Чалгија саунд систем, добро познатиот етно бенд Баклава и добитникот на Греми наградата во 2019 Кајхан Калхор со Ердал Ерзинкан.

Настапот на Добрила и Дориан дуо на кој ќе биде претставен проектот “Амалгами“ публиката ќе може да го проследи на 7 ноември во Филхармонија (19 ч). Присутните во салата ќе ги слушнат македонските песни, со мелодијата која не мора секогаш да биде тон, туку и шум, а од друга страна, Дориан ќе свири на ут – инструментот претходник на денешната гитара. Истата вечер и во истата сала (20 ч) етно составот Баклава ќе се претстават со авторска музика во жив дијалог со естетските дострели на македонскиот мелос. Освен преработките на композиции од македонскиот фолклор, светогледот на групата Баклава, во исто време, е отворен и за туѓи фолклорни традиции.

Последниот концерт во рамките на годинешниот 19. ОФФест, е на 10 ноември (19 ч), кога треба да настапи добитникот на Греми и Womex Artist Award за 2019 Кајхан Калхор, најголемиот мајстор на иранското ќемане (персиска виолина) и турскиот виртуоз Ердал Ерзинкан на саз, со изведба инспирирана од класичните музички традиции на Персија и Отоманска Турција. Нивната музика е сосема модерна и настојува да го вовлече слушателот во своето кралство на трансот, со преплетување на екстатичните ритми и сензуалните мелодични фрази.

“Годинава поради пандемијата и затворени граници не постоеше можност сите музичари чиј настап беше планиран да дојдат и да настапат. Инаку, и останатите концерти од ОФФест е во план да бидат прикажани и онлајн. Интересот е голем, концертот на Силвија Перез во Скопје, беше проследен онлајн од преку 8 000 лица во светот“, велат организаторите. (Д.Т.)

4 views
bottom of page