„Кругови“ на пијанистот Франческо Тристано во Филхармонија
Оркестарот на Филхармонија вечерва (20 часот) ќе одржи симфониски концерт насловен „Кругови“ на кој како солист ќе еден од најкреативните пијанисти – Франческо Тристано од Луксембург.
Диригент е Џијан Емин, а на програмата се Концерт за пијано бр. 1 во де-мол од Бах, 4 фрагменти од „Пијано кругови“ за пијано и гудачи од Франческо Тристано и Фантазија на тема од Томас Талис од Вилијамс.
Тристано во 2017 година почнува соработка со „Сони класикал“, фокусирајќи се на својот афинитет да создава и да снима свои авторски дела. Иако во тој период сè уште активно настапува на светските музички сцени изведувајќи електронска и експериментална музика на фестивалите за електронска музика, но и во концертните сали, тој повторно му се враќа на пијаното како алатка за креација. Го создава албумот „Пијано кругови“ (Piano Circle Songs) – колекција од песни во кои го евоцира својот интерес кон творештвото на француските импресионисти. Тој е пијанист, композитор и продуцент, кој прави фузија меѓу класичната и електронската музика.
Посебен афинитет има кон творештвото на Јохан Себастијан Бах и го реализира својот амбициозен проект да ги сними и да ги издаде сите негови дела. Уште додека студира на Џулијард, тој покажува посебен анфинитет кон творештвто на барокниот маг Јохан Себастијан Бах: ги свири и ги снима концертите на овој исклучителен композитор, како и „Голдберг варијации“. Кратко време потоа, тој потпишува договор со француската издавачка куќа „Инфините“ под чија етикета ги издава првите албуми за електроника и пијано, инспириран од технокреаициите на Џеф Милс и Дерик Меј…
Неговата кариера добива поширок интернационален контекст во 2011 година кога потпишува договор со „Дојче грамофон“ под чија етикета снима три албуми. Првиот е „Бах/Кејџ“, во кој прави сонично истражување на врската меѓу музиката на Јохан Себастијан Бах и Џон Кејџ иако се оддалечени три века еден од друг. Во овој албум, Тристано ги акцентира значењето на емоцијата и потрагата по нестандардни текстури.
Една година подоцна, повторно му се враќа на Бах преку албумот „Long Walk“ (2012), во кој се инспирира од анегдотата за младиот композитор (Ј. С. Бах), кој одел пеш 300 килметри за да го запознае данскиот органист и композитор Дитрих Бухстехуде. На албумот тој свири четири заборавени композиции на Бухстехуде, што се изведуваат првпат од нивното создавање.
На третиот албум „Scandale“ (2014), свири дела од Равел, Римски Корсаков и Стравински напишани за балети. На овој албум го свири и неговото дело „A Soft Shell Groove“ во кое обединува два момента кога музиката за танц станува авангарда – еврпскиот модернизам во почетокот на 20 век и раѓањето на техното во 1980 година во Детроит. Во неговиот последен албум „Tokyo Stories“ (2019), тој прави омаж на јапонската култура.