Стенд-ап настап на македонскиот комичар Владислав Илиќ објавен на „BBC Three“
„Здраво на сите! Моето име е емигранат. Да, јас сум малку странец, што може да се забележи од мојот акцент, всушност јас сум од Манчестер. Не, јас сум од Северна Македонија. На Балканот. Тоа е земја која е северно од Грција. Па тоа е и во името, Северна. Да не се збуните со регионот Македонија во Грција. Ние имавме ‘пристоен’ конфликт за името, па вака се случи… Се сретнавме на границата и ние рековме „Ние сме Македонија“, по што Грците рекоа, „Не, ние сме Македонија“. И тогаш останавме невработени. Така некако се случи. Мојата земја е мала, имаме…“
Со овие зборови стенд-ап комичарот од Македонија Владислав Илиќ го започнува својот настап кој беше објавен и на британскиот сервис „BBC Three“. Тој веќе две години живее и со свои стенд-ап настапи успешно се претставува во Лондон, Велика Британија.
Владислав или Влад Илиќ, име со кое настапува на сцена, по потекло е од Куманово, а има работено и како актер-аматер во својот роден град. Со жанрот стенд-ап комедија за првпат се запознал на Малта, а во 2018 година се преселил во Лондон, од кога започнуваат и неговите настапи.
Има освоено повеќе награди во комичарските клубови во Лондон како победник на месечното шоу во познатиот клуб „Комеди Стор“ каде што публиката може да го избрка од сцена артистот доколку не им се допаѓа хуморот, а добитник е и на наградата „Комичар на годината“ во Пикадили Комеди Клуб, меѓу седумстотини учесници.