ОФФест оддекнува: Силвија Перез ги сподели музиката и емоциите со скопјани
„Во Барселона се забранети музички настапи, па затоа сега и тука се чувствувам слободна и среќна што можам со вас да ја споделам љубовта кон музиката. Вашето присуство е подарок за мене“, изјави каталонската пејачка Силвија Перез Круз, на вчерашното отворање на 19. издание на ОФФест во Скопје, нашиот најзначаен фестивал на музиката од светот. Оливер Белопета, директорот на Скопје Џез-фестивалот, кој е воедно и организатор на овој фестивал, ја најави како една од најблескавите пејачки на денешницата, а нејзиниот настап во салата на Филхармонијата го докажа тоа.
Преку дваесетина нумери, главно од нејзиниот најнов албум „Фарса“ кои зборуваат за љубовта, пријателите, роднините, танцот… таа пред присутните успеа да ги долови магичните звуци на нејзината Каталонија и Шпанија воопшто. Во час и половина на сцената, како извонреден вокал со својата гитара таа на волшебен начин ги комбинираше музиката, театарот, филмот, танцот, поезијата…
Она што секако останува како чувство кај публиката е дека без разлика дали ги интерпретира своите авторски песни или преработките, композициите од последниот албум или оние постарите, на нејзиниот мајчин јазик, или на некој од европските јазици, публиката го разбира пред се – јазикот на емоциите.
Токму една емотивна порака прати и на самиот крај на концертот најавувајќи песна која е посветена на организаторите на ваквите фестивали и „сите оние кои знаат да сонуваат“.
Музички израз на оваа пејачка и музичарка која има голема популарност не само во цела Шпанија туку и пошироко, предизвика бурни аплаузи во салата, најавувајќи атрактивни концерти и на други гости кои треба да настапат во рамките на ова издание на Оффест кое се реализира и покрај пандемијата. (Д.Т.)