top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Падот на Џони Деп: Од најубав светски актер до насилник

„Џони деп е тепач на жени“, беше пресудата на судовите во Велика Британија. Тврдењето дека тој бил физички насилен кон неговата поранешна сопруга Амбер Херд се појави пред повеќе од четири години, откако таа по нивниот развод поднесе барање за привремена забрана за приближување против него, повикувајќи се на физичка злоупотреба. Исто така, ова не треба да биде шок, со оглед на тоа колку други познати мажи изминативе години беа обвинети за злоупотреба на жени. Деп го тужеше британскиот таблоид „Сан“ за клевета кога го опишаа како „тепач на жени“, а за голем број обожаватели ова изгледаше како „смрт“ на уште еден нивен херој од детството, пишува „Гардијан“ во колумна посветена на судскиот случај.

– Деп може да поднесе жалба. Пресудата е толку погрешна, што би било смешно Деп да не се жали на оваа одлука – рече адвокат на лондонската адвокатска фирма „Шилингс“, која го застапува актерот.

По пресудата, стотици обожаватели на Деп споделуваа објави во негова одбрана. Но, досега, поголемиот дел од светот ги виде фотографиите на кои лицето на Херд е со модринки. Иако судот ги слушнал аудиоснимките на кои Херд вербално го малтретира Деп и признава дека фрла кон него тенџериња и тави, ништо од тоа не можеше да го смени фактот дека судијата, Џастис Никол, утврди оти повеќето тврдења се докажани по граѓански стандард, како и дека, според тоа, „Сан“ има право да го опишува како „тепач на жени“. Следната година во САД, тој има случај за клевета против Херд во врска со семејно насилство, во висина од 50 милиони долари. Сегашната пресуда во Велика Британија сигурно ќе има некакво влијание врз тој процес.

На фотографијата направена од Херд за да се покаже обемот на употребата на дрога од страна на Деп, судот наводно виде линии кокаин на маса и кутија со дрога во близина на масата, на која се врежани иницијалите Џ.Д. Ако ова беше епизода во криминална серија, мистеријата на кого му припаѓа оваа маса ќе беше разрешена во самиот почеток на епизодата. За оние што ја следат кариерата на Деп од раните денови, ова е најниското дно на кое тој некогаш паднал.

За многумина, Деп во 90-те години претставуваше поинаков вид славна ѕвезда. Заедно со Ривер Феникс и Кијану Ривс, тој беше дел од светото тројство на гранџ-ерата. Тие беа спротивност на момчињата од 90210 на „Беверли Хилс“, или Бред Пит и Леонардо Ди Каприо, кои како да изгледаа засрамени од својот тогашен изглед. Неговото детство беше проблематично, честопати се селеше, а неговите родители се разведоа кога тој беше тинејџер. Тој беше познат и како романтичар, кој набрзо се ожени на само 20- годишна возраст, а потоа тоа се претвори во еден вид навика, свршувајќи се со Шерилин Фен, Џенифер Греј и Винона Рајдер. Подоцна, тој се ожени со Ванеса Парадис, со која има две деца, ќерка и син.

Џони Деп заедно со Ванеса Парадис

За време на бракот со Парадис, Деп стана франкофил, давајќи интервјуа во француските списанија за тоа колку ја сака земјата. „Франција ми даде сè. Прекрасно семејство и исто така рамнотежа што многу ми недостасуваше“, рече тој за списанието „ВСД“ во 2010 година. Некое време, се чинеше како Деп да го има победено „системот“. Тој нашол начин да биде потполно верен на самиот себе, додека сè уште бил светски популарен и живеел мирен и задоволен живот.

Деп се запозна со Херд на сетот за време на снимањето на „Дневникот на румот“ во 2011 година. Неговите верни обожаватели би рекле дека неговиот живот тргна наопаку кога тој ја напушти Парадис за Херд во 2012 година. Деп во 2018 година исто така им изјави на новинарите дека неговото богатство од 650 милиони долари едноставно го нема. Тој инсистираше на тоа дека неговите поранешни менаџери украле милиони од него, додека пак, тие тврдеа дека тој ги потрошил парите.

Амбер Херд и Џони Деп

Според компанијата што управуваше со неговите финансии, Деп трошел повеќе од два милиона долари месечно, потпомогнат од улогата во франшизата „Пиратите од Карибите“, кога некое време заработувал над 50 милиони долари по улога. Во 2018 година, тој даде интервју за „Ролинг Стоун“, зборувајќи за тоа како ги загубил своите пари, при разговорите со новинарот Стивен Родрик во текот на три дена. Родрик го опиша Деп како „наизменично смешен, итар и некохерентен“, со „исплашен, раздразлив поглед“.

– Неговиот сегашен живот е совршен примерок од последните денови на Елвис Присли – напиша Родрик.

Во текот на целата своја кариера, тој ги бараше пријателства со ѕвездите како што се Марлон Брандо и Ален Гинсберг, што му даде еден вид ретро сјај. Тој постојано го бараше чувството на 50-тите, наспроти блескавите 90-ти во кои живееше. Деп се обиде да го внесе духот на таа ера во неговиот свет, отворајќи го ноќниот клуб „Вајпер Рум“ на булеварот „Сансет“ во 1993 година. Истата таа година, Ривер Феникс почина надвор од клубот од предозирање. Помина долго време откако Деп навистина беше кул. Фотографиите од него во Лондон за време на случајот, облечен во „раста“ капа и соодветна маичка во риги, им донесоа тажна слика на најстарите негови обожаватели, кои го помнеа како човек со препознатлив стил.

Сè додека не се појавија обвинувањата за злоупотреба, гласините и приказните што излегуваа за Деп беа, во голема мера, убави. Имаше време кога тој донираше еден милион фунти во болницата „Грејт Ормонд“ откако неговата ќерка се лекуваше таму, а потоа ги посетуваше болните деца кои сè уште беа таму и им читаше приказни, па дури и кога неговиот живот почна да изобилува со претерување, добрите пријатели му останаа верни. Но, во текот на изминатата деценија, работите започнаа да се менуваат кон полошо.

Вистинската врска помеѓу Деп, Феникс и Ривс се состоеше во тоа што сите тие беа свесни дека не ја прават предвидливата работа. Но, со оглед на тоа што Феникс почина на 23 години од предозирање, а Деп беше зафатен со разводи, дрога и со судски процеси, неговата репутација сега е уништена. Од нив, единствено Ривс ги избегна добропознатите клишеа на славните ѕвезди. Само будалите можат да очекуваат доследност од ѕвездите. Она што на обожавателите им се чини толку чудно и неверојатно е што Деп се промени за многу кратко време, а успеваше да остане достоен на себеси толку долго, заклучува „Гардијан“.

1 view
bottom of page