top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија ја пречекува Финска за почеток на патот кон седмото ЕП

РАКОМЕТ

Македонската машка ракометна репрезентација синоќа и официјално ги почна подготовките за првите два квалификациски дуели со селекциите на Финска и на Швајцарија (во групата е и репрезентацијата на Данска), за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, што треба да се игра во Унгарија и во Словачка. Во пресрет на подготовките, поради позитивни тестови на коронавирусот селекторот на репрезентацијата Данило Брестовац остана без двајца тренери во својот стручен тим и без најмалку еден ракометар во составот. Дуелот со селекцијата на Финска, утре (20 часот, спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје), ќе биде првата задача за избраниците на Брестовац на патот кон обезбедување на седмиот настап на ЕП, а шести во низа. Мечот помеѓу Македонија и Финска ќе биде трет во нивната меѓусебна историја. Последен пат двете селекции меѓусебно играа пред 15 години во претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2005 година, од кои мечот во Финска заврши нерешено (30-30), а на домашен терен Македонија победи (36-30). За разлика од Македонија, Швајцарија и од Данска, селекцијата на Финска местото во квалификациите за пласман на ЕП го обезбеди по победата над Грузија (24-24 и 37-21) во јануарските претквалификациски дуели. Финците во својата ракометна историја имаат само едно учество на големите натпреварувања, но и големи очекувања во квалификациите за пласман на ЕП 2022. – Верувам дека со максимален пристап и мотивирана и цврста игра во одбраната можеме да стигнеме до позитивен резултат во дуелот со Финска. Тие бележат евидентен напредок во играта на клупски и на репрезентативен план, па во ниеден момент не смееме да ги потцениме како состав. Имаат искусни и квалитетни ракометари во својот состав, кои можат и знаат да одиграат добар ракомет – изјави Брестовац.

Финците досега 13 пати играле во квалификациите и ниту еднаш не обезбедиле настап на ЕП, а единствениот настап на мундијалите го имаат во 1958 година. Во пресрет на квалификацискиот дуел со Македонија, селекторот Линдгрен нема да може да смета на својот најдобар ракометар, централниот бек Нико Ронберг, кој заздравува од повреда на стомачниот мускул, а поради позитивен тест на коронавирусот шведскиот стратег нема да може да смета на резервното лево крило Бенјамин Хеландер и на пикерот Робин Сјоман. По мечот со Финска, в сабота е дуелот на гости кај Швајцарија. Пласман на ЕП 2022 обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации во групите. Директен пласман обезбедија домаќините Унгарија и Словачка и финалистите од ЕП 2020, Шпанија и Хрватска.

2 views
bottom of page