Шон Конери ѝ беше пријател на Македонија!
Македонскиот дипломат Ѓорѓи Филипов за филмската легенда
Светот остана без уште една голема филмска легенда. Во саботата, како што објави Би-би-си, на 90-годишна возраст почина Шон Конери, првиот и, според многумина, најдобар таен агент 007, Џемс Бонд. Честа да поразговара со него ја имал професорот и македонски дипломат Ѓорѓи Филипов, кој сподели со нас сеќавања на оваа средба со големиот глумец, што се случила во 2006 година, пред доделувањето на наградат за животно дело на Шон Конери на Берлинскиот филмски фестивал. Со него бил и новинарот на магазинот „Теа модерна“ Миодраг Мишолиќ, кој ја направил и фотографијата на професорот Филипов со Шон Конери, која подоцна била објавена во „Теа модерна“, заедно со разговорот што Мишолиќ го направил со славниот актер. – Во кратка средба, пред доделувањето на наградата за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал, 2006 година, во организација на македонската амбасада, по иницијатива на Миодраг Мишолиќ, Шон Конери даде кратко интервју за магазинот „Теа модерна“. Во разговорот со македонскиот амбасадор, Конери покажа зачудувачко познавање на состојбата со македонскиот стремеж кон евроатлантските интеграции и пречките за нивно реализирање.
Ја спореди судбината на Македонија со судбината на Шкотска, најде многу сличности и изрази поддршка нарекувајќи се пријател на Македонија. Се согласи на разговор со новинарот ако ветиме дека ќе испратиме наш новинар и на филмскиот фестивал во Единбург, ветување што, како што ме информира Миодраг, за жал, не сме успеале да го реализираме. Разговорот се одвиваше во присуство на неговата шармантна и трпелива сопруга, Мишел Рокенбурн, и на луѓе од организацискиот одбор на фестивалот, кои не можеа да сфатат од каде се појавија оваа „непредвидена средба“ и интервју на главната ѕвезда на вечерта и фестивалот со „мацедонише ботшафтер“ и „мацедонише журналисте“. Само амбасадорот, возачот/обезбедувањето и новинарот знаат како беше изведена „непредвидената од никого средба“ – се потсетува на оваа случка што никогаш нема да ја заборави Филипов. Тој дополни дека за него Шон Конери, легендарниот Џејмс Бонд 007, бил фантастичен актер и човек произлезен од народот, пријател на Македонија. На својот профил на Фејсбук, Миодраг Мишолиќ, кој во рамките на својот професионален ангажман како новинар се сретнал со уште еден глумец, кој го глумеше Џемс Бонс на големиот екран, Роџер Мур, напиша: „Благодарение на мојата професија (новинарство) имав можност да бидам во близината на двајцата, па и да разменам понекој збор. Можам да посведочам за таа харизма, особено на Шон Конери. Таков магнетизам се среќава многу ретко“.
Конери несомнено бил голем патриот и јавно се зарекол дека ќе се врати во родната Шкотска оној ден кога таа ќе биде независна, за што тој со сите сили се залагаше како член на Шкотската национална партија. Тој бил е еден од нејзините главни финансиери. Улогата по која ќе остане запаметен, Џемс Бонд, првпат ја играл во 1962 година, во филмот „Д-р Но“. Смокингот на најпознатиот филмски шпион го носел уште пет пати, а на улогата по подолга пауза ѝ се вратил во 1983 година, во филмот „Никогаш не вели никогаш“, кој формално не е дел од познатиот серијал. Но неговата блескава кариера ги прерасна филмовите за агентот 007. Тој играл во класикот на Алфред Хичкок „Марни“ од 1964-та, а во 1987 година улогата на ирски полицаец во филмот „Недопирливи“ му донесе „златен глобус“ и „оскар“ за споредна машка улога. Беше забележан и во филмот „Индијана Џонс и последниот крстоносен поход“ на Стивен Спилберг од 1989 година, каде што исто така беше номиниран за овие две награди.
Според филмските критичари, најдобрите улоги на легендарниот шкотски глумец се оние што ги оствари во филмовите: „Името на розата“, (1986), снимен според истоимениот роман на Умберто Еко, „Лов на црвениот октомври“ (1990), „Карпа“ (1996) и „Во потрага по Форестер“ (2000 година). Во 2000 година ја доби и титулата сер, а признанието за животно дело му беше доделено во 2006 година. Последен пат на големото платно се појави само со својот глас во шкотскиот анимиран филм „Сер Били“ во 2012 година.