top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Најславниот Џејмс Бонд, Шон Конери – од рибар и месар до витез

Родителите му биле толку сиромашни што наместо во лулка, заспивал во фиока. На 13-годишна возраст го напуштил училиштето, рибарел во блискиот канал за да преживее. Во својот живот позирал пред студенти по сликарство, полирал ковчези, бил месар, па дури и спасител на плажа и фудбалер во Манчестер Јунајтед… Со оглед дека бил атрактивен маж, конкурирал за Мистер Универзум и завршил како „втор вицешампион“. Откако станал актер, му се заканувале по живот љубоморните момчиња на актерките. На 60 и 69 годишна возраст бил прогласен за најсекси маж на светот, бил голем хуманитарец, но и страствен поет… Шон Конери почина на 90 – годишна возраст.

Познатиот холивудски актер Шон Конери отсекогаш важел за најхаризматичен “агент 007“, улога која всушност му донесе и најголема слава и светска популарност. Тој на 8 август годинава го прослави својот 90-ти роденден, но “тајниот агент“ кој со леснотија успеваше да ги добие сите битки на филмското платно, пред два дена ја изгуби битката за живот. И додека неговите фанови и пријатели се потсетуваат на неговите улоги кои го направија славен, малкумина знаат дека сер Шон Конери, наславниот “Џејмс Бонд“ чии авантури го одземаа здивот на филмската публика, всушност имал речиси исто толку бурна животна приказна…

Кога Томас Шон Конери се родил, неговите родители – мајка перачка и татко возач на камион, биле толку сиромашни што наместо да го стават во лулка, тие го заспивале во фиоката од плакарот. Како дете, тој рибарел во блискиот канал користејќи ги старите хулахопки на неговата мајка, но подоцна во интервјуата изјавил дека никогаш не дозволил скромниот почеток да го задржи во животот. Години подоцна, во екот на неговиот деловен успех, токму по својот роден град Фаунтинбриџ во Шкотска, ја именувал својата продуцентска куќа.

Училиштето го напуштил на 13 години

Шон Конери сметал дека успехот доаѓа со работа. На 13-годишна возраст го напуштил училиштето и почнал да се занимава со разни работи – дистрибуирал весници, но и млеко и млечни производи, а бил чирак и кај локален месар. Со оглед дека имал авантуристички дух, кон крајот на 40-тите служел и во Кралската морнарица три години, откога му потекнува и тетоважата „Шкотска засекогаш“. Сепак, тој ја напуштил морнарицата поради болни чиреви на желудникот. Во својот живот полирал ковчези, доставувал јаглен, работел во печатница, позирал пред студенти по сликарство и дури бил спасител на плажа… Во 1953, Шон се натпреварувал за Мистер Универзум и завршил како „втор вицешампион“. Тој бил навивач на Селтик, а имал можност да игра за Манчестер Јунајтед во својата младост, но одбил да стане професионален фудбалер, бидејќи сметал дека тоа е премногу нестабилна работа. На возраст од речиси 60 години, „Пипл“ го прогласи за најсекси маж на светот и повторно во 1999. Многумина не знаат дека Конери пишувал поезија, но не дозволувал никој да ја чита! Се женел двапати, со Дајан Силенто, со која има син Џејсон кој е исто така актер, а вторпат со Мишел Рокенбурн, со која бил до крајот на животот.

За малку ќе бил обезглавен

Една од првите негови улоги е во филмот „Друго време, друго место“, со Лана Тарнер. Нејзиното љубоморно момче Џони Стомпанато му направил сцена и му се заканил со пиштол, бидејќи мислеле дека и се додворува. После тоа морал да се крие, бидејќи го известиле дека Џони го нарачал неговото убиство! Актерот за малку ќе го загубел животот и на снимањето на филмот „Од Русија со љубов“, затоа што хеликоптерот на сетот прелетал веднаш над него и речиси ќе го обезглавел! Подоцна бил повреден на снимањето на филмот „Никогаш не вели никогаш“, затоа што Стивен Сигал случајно му го скршил зглобот додека му покажувал боречки вештини. Тој најголемата слава ја постигнал како Бонд, а таа улога ја добил не поради неговите актерски способности, туку поради фактот што неговиот „секси, пантерски од“ ги воодушевил продуцентите. Авторот на приказната за Бонд, Јан Флеминг, всушност не го сакал Конери затоа што сметал дека изгледа како „суровина“, но подоцна се предомислил. И режисерот Теренс Јанг, кој го ангажирал за филмот „Доктор Но“, сметал дека ќе му треба малку „школо“ кога станува збор за стилот, па му купил фенси костум, и цела недела го носел низ градот да пијат заедно, да се забавуваат и коцкаат. Малкумина знаат дека во сите филмови со Бонд, тој носел перика затоа што почнал да ја губи косата уште на 21 година…

Омилениот филм му бил „Од Русија со љубов“

Неговиот омилен филм за Бонд е „Од Русија со љубов“, но ја напуштил мегапопуларната франшиза затоа што веќе не можел да ги поднесе специјалните ефекти, дијалозите што се повторувале од филм во филм и опсесијата на јавноста со неговиот лик и дело. Тој го играше Џејмс Бонд во седум филмови. А Оскар доби за филмот „Недопирливите“. Бидејќи морал рано да го напушти училиштето подоцна формирал и добротворен фонд за да обезбеди стипендии за сиромашните шкотски деца. Тој на хуманитарната организација ги донирал сите авторски права од филмот „Робин Худ: Принцот на крадците“, а подоцна истото го сторил и со хонорарите од филмот „Дијамантите се вечни“. Тој бил голем донатор на Шкотската национална партија и одбивал да се врати во Шкотска сè додека таа не стане независна. Поради тој став, двапати беа блокирани напорите на круната да му додели титула витез, но тој конечно беше прогласен за витез во 2002 година.

Улогите кои ги одбил

Тој се сметал себеси за пензионер, но еднаш изјавил дека со задоволство би се вратил пред камерите доколку му понудат улога во филмот за Индијана Џонс. Ние ги знаеме улогите што ги остварил во „Лов на црвениот октомври“ „Карпата“, „Индијана Џонс и последната крстоносна војна“, „Недопирливите“, „Името на розата“ и многу други, но имало и улоги што ги одбил. Му била понудена улога во „Моите песни, моите соништа“, потоа требало да игра во „Авантурите на баронот Минхаузен“, но сценариото не му се допаѓало, а ја одбил и улогата на Гандалф во „Господарот на прстените“ затоа што не сакал да престојува во Австралија повеќе месеци. Двапати бил повикан во „Матрикс“, но одбивал затоа што „воопшто не му било јасно за што станува збор во филмот“. Сепак, изјавил дека му е жал што ја одбил главната улога во „Аферата Томас Краун“. Во римејкот, главната улога ја играл уште еден Бонд – Пирс Броснан. (Д.Т.)

2 views
bottom of page