Кон монографијата „Поглед низ времето“ на Киро Кипроски: Кога минатото би можело да сведочи за нас б
Монографијата е осврт на целокупниот творечки опус на новинарот и публицист Киро Кипроски кој трае повеќе од 50 години. Ова јубилејно десето негово книжевно дело содржи 524 страници авторски текст и авторски фотографии, а Кипроски е хроничар на прекрасни репортажи, патеписи, осврти на животот и делото на голем број политичари, културни работници, еминентни економисти, но и луѓе од сферата на религијата, дијаспората… И сето тоа во печатените медиуми е поткрепено со фотографии кои се автентични, настанати во времето и на местото кога е пишуван извештајот, патеписот, репортажата
„Новинарите вообичаено својот работен век го посветуваат на бележење на настани и личности од нивното време и целокупната своја енергија ја насочуваат секојдневието да го преточат во збор, кој преку медиумот во кој се ангажирани, ќе допре до голем број гледачи, слушатели, читатели односно до нивната публика. Киро Кипроски е еден од малкуте кој својот ангажман го има и во печатени и во електронски медиуми, а уште нешто што го одделува од другите е неговиот ангажман и во делот на фотографијата. Токму поради неговата сестраност, во текстовите кои се селектирани во оваа монографија имаме можност да прочитаме теми кои се од буквално сите сфери на живеењето“, ќе посочи проф д-р Светлана Вељановска кон монографијата на новинарот и публицист Киро Кипроски „Погледот низ времето“, која неодамна беше промовирана во Гостивар.
Монографијата е осврт на целокупниот творечки опус на овој автор кој трае повеќе од 50 години. Ова јубилејно десето негово книжевно дело содржи 524 страници авторски текст и авторски фотографии, а Кипроски е хроничар на прекрасни репортажи, патеписи, осврти на животот и делото на голем број политичари, културни работници, еминентни економисти, но и луѓе од сферата на религијата, дијаспората… И сето тоа во печатените медиуми е поткрепено со фотографии кои се автентични, настанати во времето и на местото кога е пишуван извештајот, патеписот, репортажата.
„Читајќи го опусот на Кипроски во монографијата ‘Погледот низ времето’ распореден во осумтте глави: Вдахновение, Животопис, Незаборавник, Репоратажи – патописи, Политика – економија, Култура, Опачина на животот и Спорт, може да се види дека голем дел од селектираните текстови се посветени не само на настаните и животот во Гостивар, Тетово, Полог и околината, туку и за Галичник и за Градец, за Цер и споменот на Христо Узунов, за опусот на познатите Томе Серафимовски, Радован Павлоски… Вниманието на Кипроски го има и нобеловецот Ферид Мурат, но и Македонците муслимани од долно-реканскиот крај со нивните проблеми. Посебно внимание Кипроски посветува на галичката свадба чиј хроничар е во долгите години на нејзиното постоење, а нè потсетува и на традиционалните свадби и нивното повторно одбележување по педесетина години престој во туѓина. Привлечни за читање се репортажите од светот – Кина, Тунис, Андора, Грција, Албанија и од други држави, кои ни ги открива спецификите за живеење, природните и културните богатства“, додава Вељановска.
За новинарот и писател Блаже Миневски, антологиската книга новинарски текстови на доајенот на македонското новинарство Кипроски не е само обичен „Поглед низ времето“ туку и архива што сведочи за нас. „Ако минатото сведочи за нас, делата сведочат за авторот. Во сите негови текстови, дури и оние за спортот, се чувствува силна емоција кон она што го соопштува. Всушност, би рекле, нема дистанца меѓу пишувачот и напишаното. Затоа неговите текстови се топли, искрени, сочувствителни и над сè добронамерни, со вградена интимна нишка, како сето она за што пишува, секој за кого што пишува да му е најважен на светот, како да му е другар или близок пријател“, ќе додаде Миневски истакнувајќи дека кога минатото би можело да сведочи за нас би имале поубава иднина.
Инаку, Кипроски е автор и на голем број книги, меѓу кои и „Галичник засекогаш“, „Македонија – мојот живот“, „Македонија – мојот копнеж“, „Иконата на Бистра, закрилник на православието“ посветена на големиот јубилеј на Бигорскиот манастир, 1000 години од основањето… Добитник е и на „18 Ноемвриската награда“ – највисоко признание на Општината Гостивар во 1989 година, орденот „Претеча“ за афирмација на Бигорскиот манастир, а двапати е прогласен и за дописник на годината (1987 и 2001) на „Нова Македонија“ весникот со кој соработува од февруари 1968 година, како постојан хонорарен дописник за подрачјето на Гостиварска општина, која се простира од тетовското село Жеровјане до мијачкото село Лазарополе. (Н.И.Т.)