Документарен филм за престојот на „Битлси“ во Индија
Средбата на канадски турист со „Битлси“ во духовно одморалиште во Индија пред половина век е темата на нов документарен филм. За режисерот Пол Солцман ова било искуство што му го „сменило животот“, пренесува Би-би-си.
По повеќе од 50 години откако се сретнал со „Битлси“, Солцман го сними 79-минутниот документарец „Средба со Битлси во Индија“. Во филмот наратор е Морган Фримен, а продуцент е Дејвид Линч. Во филмот се искористени ретки фотографии од „Битлси“ што ги има направено Солцман.
Кога Пол Солцман, 23-годишниот Канаѓанец пристигнал во ашрамот во близина на индискиот свет град Ришикеш во 1968 година за да медитира, му било кажано дека не може да влезе бидејќи таму престојуваат членови на познатиот музички квартет од Ливерпул.
Пол Солцман патувал со ранец на грб низ Индија кога од Монтреал му пристигнала веста дека го напуштила девојката. Со скршено срце тој патувал со воз, брод и такси до одморалиштето, предводено од Махариши Махеш Јоги, еден од најекстравагантните гуруа што се појавиле во доцната ера на хипиците. Планирал да медитира и, како што вели Солцман, „да го лечи скршеното срце“.
По многучасовно убедување, симпатичниот рецепционер на ашрамот го пуштил Солцман да влезе. Тој отишол директно на едночасовна сесија за медитација од која излегол чувствувајќи се подобро.
– Агонијата на скршеното срце заврши. Излегов во шумата да ја видам околината – рекол Солцман во телефонски разговор за Би-би-си.
Тука првпат ги забележа „Битлси“. Џон Ленон, Пол Мекартни, Ринго Стар и Џорџ Харисон, облечени во традиционални индиска носии, седнати на долгата маса. Присутни биле сопругите и девојките на некои од нив, актерката Миа Фароу, Мајк Лав од „Бич бојс“ и фолк-пејачот Донован. Тие планирале тримесечен изолиран престој на пространиот приватен имот од 18 хектари.
Солцман прашал дали може да им се придружи по што Мекартни му понудил стол. – Седнав и слушнав врисок во главата: eeееи, ова се Битлси!- вели Солцман, кој сега има 78 години и е режисер-добитник на награда „Еми“.
Четири години порано, во 1964 година, Солцман беше еден од 18.000 обожаватели што ги гледаа нивниот концерт во живо во паркот Мејпл Лиф во Торонто. Сега, благодарение на играта на судбината, тој е во друштво со најпознатата музичка група на светот.
„Битлси“ уживале во плодовите на успехот на „Sgt Pepper’s Lonely Hearts Club Band“,нивниот легендарен албум од 1967 година, и започнале да пишуваат песни за следниот, кој ќе стане познат како „White Album“.
Според приказната на Солцман, мразот се скршил многу брзо.
– Дали си Американец- го прашал Ленон. – Не, јас сум Канаѓанец – одговори Солцман.
– Ах, ти си од една од нашите колонии – му рекол на шега Ленон.
По што на масата се слушнало гласно смеење.
– Дали уште го обожавате Нејзиното Кралско Височество – се пошегувал Ленон. Солцман на тоа одговорил дека јас лично не.
Макарни и Стар се придружиле.
– Па да, но кралица ја имате на парите …
Солцман одговорил: „Ја имаме кралица на нашите пари, ама таа живее со вас!“
Следната недела тој се дружел со Битлси во одморалиштето покрај реката Ганг. Медитирале, пееле, јаделе вегетаријанска храна и разговарале.
– Тоа беше магична средба. Ја сакав нивната музика. Но, јас навистина не ги шармирав како што тоа го умеат познати личности. Тие се однесуваа нормално и не беа толку арогантни, како што можат ѕвездите да бидат – вели Солцман. Бендот го фотографирал во три наврати со неговата евтина камера „Пентакс“. Потоа се вратил дома и ги оставил слајдовите во боја во картонска кутија во подрумот, каде што стоеле следните 32 години, сè додека неговата ќерка не го убедила да направи нешто со нив.
Потоа, во 2005 година, тој направи книга во мал тираж во која биле објавени некои од фотографиите.
На ашрамот, Ринго Стар му ја дал својата 16-милиметарска камера на Солцман заедно со 30 метри филм, за да може да го снима бендот и да го задржи за себе, велејќи му дека „може да вреди пари“.
Триминутната снимка што Солцман ја снимил и донел дома се изгубени и никогаш не биле пронајдени.
– Всушност, во тоа време не мислев дека ќе постигнам многу со тие слики и снимки. Се обидував да ги заинтересирам „Битлси“ за проект во следните 12 години, но тие никогаш не одговорија и јас се откажав – објаснува Солцман.
„Битлси“ останале во Индија неколку недели, освен Ринго, кој заминал порано. Денес, напуштениот ашрам сè уште е култно место за нивните обожаватели.
Солцман се сеќава на таа средба како „искуство што го менува животот“.
Филмот зборува за тоа време преку илустрации, фотографии, автентични снимки од ашрамот и интервјуа.
– Ленон беше најдуховит, секогаш подготвен да се задева. Стар изгледаше многу смирен и стабилен. Џорџ беше најтивок и најпристапен за разговори. А Пол беше најпријателски и најдружељубил член на бендот. Ги познавав само осум дена. Но, сето тоа беше многу магично – заклучува Солцман.