Во галеријата на МКЦ: Изложба “Релапс“ на Иван Ивановски
Во Галеријата на Младинскиот културен центар на 3 октомври (вторник), со почеток од 20 часот ќе се отвори изложбата на Иван Ивановски насловена „Релапс“. Изложбата е сложена целина составена од неколку серии слики во различни формати, кои на интересен начин се испреплетуваат на галериските ѕидови, но особено преку специфичното фрагментирање во каталогот.
“Ивановски поставува едно клучно прашање за позицијата на човекот во урбаната средина, како маргинален елемент, за дезориентацијата, за обидите да се разбере времето во постисториската сегашност.
И секако за аналогната слика во дигиталниот свет, која се спротивставува на својата одамна најавена смрт, и е во активна релација со други слики, асоцијативно градејќи јазик кој ја прави видлива нашата дехуманизација, но истовремено и се спротивставува преку психоделична разиграност на елементите “ – вели кураторот на изложбата Владимир Јанчевски.