top of page
Search

Барди: Јас сум Албанец, но сега сакам да направам нешто посебно со Македонија

Енис Барди ги мина сите младински категории на Македонија и беше еден од најзаслужните за историскиот пласман на селекцијата до 21 година на едно Европско првенство, а сега фудбалерот на Леванте е еден од клучните играчи и во најсилната селекција на нашата земја.

Офанзивниот играч за врска има круцијална улога во системот на селекторот Игор Ангеловски, па како таков, сега одлучил да направи едно виртуелно интервју за познатата албанска телевизија „Суперспорт“. Македонскиот репрезентативец бил дел од емисијата „Спорт тајм“ на споменатата телевизија, при што даде одговори и на неколку чувствителни теми, откако наиде и на огромни критики во јавноста во Албанија по победата која ја оствари Македонија во историскиот дуел со Косово.

– Натпреварот со Косово беше посебен за мене. После натпреварот добив позитивни, но и негативни коментари и свесен сум за тоа. Сепак, секој играч треба да го даде максимумот за тимот кој го претставува. Јас сум Албанец и никој не може да го негира тоа, но сега ќе го дадам максимумот за Македонија за напредок на професионален план.

– Никогаш сум немал проблеми во македонскиот тим, сите се почитуваме еден со друг и на теренот сме како едно, го даваме максимумот. Како тим, сега можеме да направиме приказна која никој не ја направил со пласман на едно Европско првенство, – изјавил Барди, кој направил и најава за мечот со Грузија.

– Немаше премногу простор за еуфорија по мечот со Косово. Сите играчи сме свесни колку е важен натпреварот против Грузија. Треба да го направиме истото како и против Косово. Грузија нема квалитет на индивидуално ниво како Косово, но во меч од 90 минути мора да го дадете максимумот за остварување на сонот, – потенцирал Барди.

1 view
bottom of page