top of page

Интервју со Ирена Илиевска: „Бев изненадување за сите со одлуката да бидам актер, но моите родители

Дневно.мк: Од кога датираат твоите почетоци, заедно со првата средба со камерата очи во очи, од каде потекнуваш и, колку тоа дало свој допринос, или можеби кочница во градењето на кариерата и успехот?

-Со играта пред камера се запознав за време на студирањето на „ФДУ“, а веднаш по дипломирањето почна и професионално да биде дел од мојот живот. Интересно е тоа што моето прво појавување на екраните не се врзува со актерството. Прв пат се појавив во улога на водителка на забавна емисија која се викаше “Мајсторе побрзај”, и беше во продукција на Томато. Потоа го започнав проектот со македонските народни приказни, па се надоврзуваа низа други проекти, кратки филмови, долгометражни, мини серии итн. Потекнувам од Скопје и во потесниот круг на фамилијата никој не се занимава со уметност, па така, морам да признаам дека бев изненадување за сите со мојот избор да бидам актерка. Но, моите родители, како и за се друго во животот, ми ја почитуваа одлуката и ми беа голема поддршка. А за тоа како навистина се чувствуваа поради мојот избор, се’ уште не сум сигурна. Имам тетка која живее и работи во Словенија, таа е драматург, па ете, може да се каже дека крвта не е вода. Дневно.мк: Во етерот се пласирани многу емитувања од проектот „Македонски народни приказни“, каде што имаш своја улога. Како е да се соработува со легенди од типот на Шенка Колозова, Гоце Тодоровски и други, на нив слични и, како би го опишала чувството што го доживуваш кога знаеш дека генерации израснале со тие приказни?

-И јас самата пораснав со старите македонски народни приказни, сега нови деца, нови генерации растат со нив. Убавото во тие приказни е што ги сакаат и ги гледаат и младите и повозрасните. Таргет групата е од 7 до 77год. Прифатени се од сите. Тоа е прекрасно, чувството е навистина убаво. Со Шенка и Гоце сеуште не сум имала соработка, но се надевам ќе ни се спојат патиштата пред камера. Би било убаво. Тие се ликовите од приказните на времето во кое јас растев. Дневно.мк: Синхронизираш Турски серии па сигурни сме дека имаш свој став. Дали мислиш дека тој тренд кој тие серии го наметнуваат, всушност ги „затишува“ домашните проекти кои некогаш поставувале нови стандарди над уметничкото небо, од типот на „Македонски народни приказни“ и сл.?

-Со синхронизација на турски, украински, унгарски, бразилски серии итн. се занимавам веќе 5 години. Сосема е во ред да се синхронизира, без разлика дали се тоа серии, филмови, цртани, документарци…и во многу други земји, ТВ материјалот е речиси целосно синхронизиран. И да, тоа дефинитивно треба да го прават актери. Што се однесува до квалитетот, можам само да апелирам до сите кои се занимаваат со тоа, да се обрне внимание на јазикот и дикцијата. А што се однесува до тоа дали ги “затишува” домашните проекти, секако дека не , бидејќи домашните проекти апсолутно секогаш имаат предност.

Дневно.мк: Работеше на проектот „Вистинска љубов“. Беше ли предизвик да се прифати таква улога, како се снајде во истата, и дали сметаш дека на македонската сцена и во етерот недостигаат такви нешта?

-„Вистинска љубов“ беше само уште една од низата соработки со Јани Бојаџи, режисерот на филмот, со кој секогаш сме имале одлична соработка и на снимање и во театар. Со Јани работевме на неколку проекти, меѓу кои “Бела ноќ” , “Ругање со Христа”, “Болка на душата”, како и театарската претстава “Еригон”. Може да се заклучи дека многу добро се познаваме и тој мене како актер и јас него како режисер, па верувам дека од таму и не му било многу тешко да го направи изборот за ликот на Наде во “Вистинска љубов”. Мене многу драг лик,предизвик како и секој друг лик, блиска до мене по години…брзо се пронајдов. Икрено се надевав дека тој филм ќе биде почеток на една низа телевизиски филмови, дека телевизиската продукцијата ќе „живне“ повторно, бидејќи народот сака да гледа се што е наше. Дневно.мк: Со оглед на тоа што си постојано пред камера, сигурно се случиле безброј анегдоти. Паметиш ли некоја која посебно ти краде насмевка?

-Убаво кажа, ги има безброј, не можам да одвојам само една. Кога случајно ќе налетам на некоја приказна на ТВ, знам слатко да си се изнасмеам, сеќавајќи се на моментите од зад камера, целата позитивна атмосфера, дружењето, пробите, шегите, па дури и конфликтите кои нормално се случуваат понекогаш… сето тоа функционира како една голема фамилија. Тоа се посебни мигови. Си посакувам уште многу такви, без разлика дали се работи за приказни, филм,серија…

Дневно.мк: Те препознаваат ли фановите на улица, се фотографираат ли, и дали ти недостига приватноста од тој аспект?

–Да, ме препознаваат и си се фотографираме секогаш и секаде, воопшто не ми пречи тоа, баш напротив секогаш ми го разубавуваат денот. Природна и спонтана сум по природа, доста отворена, па затоа и не го доживувам сето тоа како да ми ја попречува приватноста. Дневно.мк: Во каква улога можеме да очекуваме да те видиме во блиска иднина?

-Во едно сосема поинакво светло, нешто сосема ново и за мене. Правиме подготовки, возбудена сум бидејќи се ми е ново, но сеуште е рано да зборувам за тоа.

Дневно.мк: Што би им порачала на младите надежни, односно идни глумци и глумици, што е неминовно за успех?

–На сите деца кои се на прагот да одлучат со што ќе се занимаваат, пред се би им препорачала да размислат два пати. На тие години сеуште веруваме дека токму ние ќе го промениме светот. Посебно да бидат претпазливи кога се работи за оваа професија. Бидејќи колку е убава, толку е и тешка. Тоа е факт. А најверојатно најубава е доколку не е професија, туку хоби. Актерот е посебен вид човек. Тој е единствениот во општеството кој може да работи се, од циркуз до канцелариска работа. И тоа е факт. А тоа, пак, се должи на таа детска љубопитност за се. Тоа го нема секој. Затоа не може секој да биде актер. Но денес тоа не е така. Денес секој може да купи диплома и работно место и апсолутно никој не се занимава со твојот талент. Но, и покрај се, можам да им кажам дека нема поубава професија од оваа. Е, ова веќе е апсурд. И тука некаде ќе застанам,за да не ги збунам уште повеќе, само сакам да бидат внимателни, сигурни во одлуката, да веруваат во себе, и пред се, да бидат храбри. А за успех? Многу труд, работа на себе, борба, и еден тон среќа.Преземен текст од веб страната dnevno.mk

 
 
 

Comments


bottom of page