top of page

Ана Комнена“ премиерно во театар „Џинот“

Автор на текстот за претставата е Сашо Димоски, а режијата е на Ненад Витанов и Васил Зафирчев Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ на 17 февруари на матичната сцена со почеток во 20 часот ќе ја изведе првата годинешна премиера „Ана Комнена“, мега проект како што денеска беше и најавен, комплексна и многу атрактивна претстава. Автор на текстот е Сашо Димоски, а режијата е на Ненад Витанов и Васил Зафирчев. „Ана Комнена ја третираме преку две теми. Првата е женската, на Ана не и е дозволено да стане престолонаследничка бидејќи е жена. И денес имаме сегрегација по пол, за жал. Ова е лична драма на една жена која е воспитувана дека ќе биде кралица, имала образование и е подготвена да седне на престолот, но тоа право и е одземено. Втората тема која ја третира претставата е историскиот контекст, време слично на денешното, кога на Балканот и Средниот исток се случуваат истите работи“ - изјави режисерот Ненад Витанов кој претставата ја работеше заедно со уметничкиот директор на театарот и носителот на една од ролјите, Васил Зафирчев. „Ова е праизведба, текст второрангиран на конкурсот за отворање на зградата на велешки театар. Претставата е голема продукција не само поради техничко- технолошкиот карактер, туку поради темата. Тоа не е историска драма, туку современ драмски прочит, третира теми универзални во времето, за современите општествено политички случувања, го третира феноменот на власта. Сето тоа преку некрунисаната принцеза Ана Комнена, која никогаш нема да стане императорка на Византија, туку ќе стане светски позната по книгата ‘Алексијада‘ напишана во чест на нејзиниот татко“– потенцира Зафирчев. Во претставата настапува целокупниот ансамбл на велешки театар, плус тројца млади актери студенти од ЕСРА. Сите тие толкуваат историски ликови кои навистина постоеле. „Драмскиот текст е како од една историска вистина и фактографија да се создаде уметност, вистина која комуницира со сегашност. Текстот се заснова на три концепти, првиот е родовото устројство на светот, вториот е концептот на власта и третиот е позицијата на Бога од сите аспекти на човековото битие“ - изјави Сашо Димоски. Автор на сценографијата е Валентин Светозарев, костимите се на Раде Василев, автор на музиката е Сашко Костов додека на видео дизајнот е Данчо Стефков. Носечката улога на Ана Комнена ја толкува актерката Кети Борисовска „Да зборувам за овој лик е како да зборувам за вселената. Ана е најголемиот воин во борбата за добивање на нештата со правото кое ни следи по природен пат. Нејзиното најсилно оружје е што е апсолутна жена“ – рече Борисовска. Колегите и подарија комплименти за нејзиниот ангажман во креирањето на улогата и најавуваат дека таа нема да остави никого рамнодушен.

 
 
 

Commentaires


bottom of page